Аеродромски растур-систем: МЗТ со +27 до 19. финале во историјата

МЗТ Скопје ја продолжува одбраната на титулата во домашното првенство откако вечерва по трет пат славеше во серијата со МКК Куманово и со вкупни 3-0 обезбеди пласман во големото финале.

Тимот од Аеродром денеска беше и најубедлив, триумфираше со 88-61 на гостински терен и со тоа продолжи и неговата победничка серија имајќи предвид дека славеше на сите шест меча во годинашниот плејоф. Можеби се очекуваше поголем отпор на домашната екипа, но МЗТ Скопје не дозволи такво нешто.

Уште во првата четвртина шампионот беше поконкретен, но сите дилеми ги реши во вториот период кој го доби со 29-10 и на голем одмор замина со предност од 53-28. Кога на крајот од полувремето дојде до инцидент и беше нападнат домашниот кошаркар Тадија Тадиќ, а судиите наредија празнење на салата, стана јасно дека МКК Куманово нема никакви шанси на овој меч.

Војдан Стојановски со 18 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, Едвин и Копривица постигнаа по 15, а Крстевски 12. Петровиќ со 16 поени го предводеше тимот на МКК Куманово. Ова е вкупно 19. финале во плејофот за МЗТ Скопје во кое ќе се бори за 12. шампионска титула, а противник ќе биде ТФТ или Работнички.