Младиот Кочов и следните две сезони на клупата на МЗТ!

Актуелниот кошаркарски вицешампион и македонски претставник во АБА2-лигата, екипата на МЗТ Скопје, реши и во следната сезона да влезе со истиот тренер, откако го ревидира и потврди двегодишниот договор со младиот и талентиран стратег, Ѓорѓи Кочов (33 години).

Станува збор за поранешен селектор на јуниорската репрезентација на Македонија, кој на почетокот на април го наследи Жељко Лукајиќ и ја доврши сезоната, откако кон крајот на минатата година дојде во Аеродром како негов прв помошник.

Кочов во „Јане Сандански“ дојде од таборот на Вардар, каде што одработи една ипол сезона како предводник на овој тим, прво во Првата лига, а потоа и во второлигашка конкуренција. Претходно, тој освои голем број златни медали со јуниорскиот и младинскиот состав на Вардар, поради што во 2016 година беше прогласен за најдобар тренер во Македонија во младинска конкуренција.

Предводникот на МЗТ Скопје зад себе има и солидна играчка кариера и тоа настапувајќи за матичниот Работнички како и за Вардар 2000, МЗТ Скопје Аеродром и за Вардар Апаве, каде што се пензионира на крајот од сезоната 2015/16.