Пливањето ни стана маленко!

ИГОР КРСТЕВСКИ

Македонското пливање во првите петнаесетина години по осамостојувањето беше „сигурен фикс“ за имање претставник на Олимписките игри и тоа не со вајлд-карта туку со исполнета норма. Тогаш имавме пливачи кои беа спортски херои, кои сите ги знаеја и со кои се идентификуваа дечињата. Изминативе неколку години, пак, сме на самото дно, како кулминација на кризата која трае подолг период, која придонесе одамна да не сме присутни на големите настани и која направи пливањето од врвен да прерасне во рекреативен спорт.

Двете тотално различни епохи во македонското пливање имаат еден заеднички именител – Александар Маленко. Спортската кариера ја почна како херој, пред сѐ поради леснотијата со која ги сечеше брановите и ги уриваше рекордите. Преку ноќ стана идол, момче кое може да влезе во битка дури и со најдобрите во светот, со блескава спортска кариера крунисана со настап на Олимписките игри во 1996 и 2004 година во Атланта односно Атина.

Денес, тој е антихерој, уништувач на сонови и тиранин кој удира по своето, само за да ја оствари личната амбиција за власт.

Маленко е предводник на една од двете струи кои години наназад водат војна за превласт во пливањето. Неговата Пливачка федерација на Македонија (ПФСМ) е на една, а на спротивната страна е Националната пливачка федерација (НПФ). Ниту прва, ниту последна пресметка од ваков тип во македонскиот спорт. Сегашниот проблем, сепак, не е во нивните докажувања и препукувања туку во средствата кои се користат во војната, пред сѐ од Маленко како признат фактор, барем засега, од европската и светска пливачка организација.

Некогашниот јунак тука падна на испитот. Желен да остане на власт се дрзна да удри онаму каде што не смееше – по пливачите. Неговите писма со барање забрана за настап на македонските пливачки таленти на митинзи низ целиот свет само зашто се членови на клубови кои се на другата страна во најмала рака се жалосни, но и стравично неетични. Исто како и неговото фаворизирање на пливачите кои самиот ги тренира во однос на тие што не се во неговата „клапа“. Така не постапува вистински спортист, најмалку некој кој и самиот знае колку е тешко да се плива во 6 наутро или по полноќ и тоа во грч студената вода, каква што е најчесто во нашите базени.

Најжалосно е што меѓу тие што беа жртви на неговата малициозност и слепило во борбата за власт најмногу беа дечиња на возраст од 12-16 години, кои допрва го бараат своето место во овој некогаш горделив спорт. Нивните солзи ќе бидат најголема казна за Маленко, без разлика како ќе заврши војната за превласт.

И само поради нив, останал или не на претседателската функција, некогашниот херој во историјата ќе замине како негативец, човек кој наместо по рекордите во базенот ќе биде запаметен по бескрупулозноста и ставањето на личниот пред интересот на македонското пливање.