Новата сезона во Ф1 без трката во Мелбурн на стартот на сезоната?!

Новата сезона во Формула 1 која треба традиционално да стартува во Мелбурн на 21 март, можно е воопшто да не се случи, ако пандемијата со коронавирус продолжи и строгите рестрикции на Австралија останат на сила, најавуваат локалните медиуми.

Според медиумите, одржувањето на воведното гранпри во „октанскиот циркус“ за новата сезона виси поради тоа што засега нема најави дека рестрикциите за доаѓање во земјата би биле тргнати или во најмала рака ублажени, па сега организаторите водат разговори како да се изнајде начин за трката сепак да се одржи.

Веќе е поставен план, или сите тимови да дојдат во Австралија две недели порано и да минат 14-дневен карантин, или пак, за нив да се направи „строго контролиран меур“ само колку да се одржи трката, но засега државните и здравствени власти се тие што ќе решаваат, но исклучително се ригорозни на ова поле. На рака им оди евентуално, ако сите бидат вакцинирани, па да се тргне забраната, но засега нема најави за такво нешто.

Од Австралија стравуваат дека гранприто би можело да не се одржи, ако не почнат навреме подготовките, а секојпат тоа се случува некаде пред крајот на јануари, ама поради низата рестрикции сето тоа станува проблематично. Поради набиениот календар, тешко да се најде нов датум, а ако не се вози на „Алберт Парк“, сезоната би стартувала од Бахреин една недела подоцна.

Но, сите се убедени дека ќе се изнајде решение во следните три месеци за да не се испушти трката.