Хамилтон пресреќен од трансферот во Ферари: Ќе го остварам детскиот сон

Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон го искоментира својот трансфер во Ферари кој беше објавен во текот на оваа недела, а ќе биде реализиран во 2025 година.

Британецот ги опиша како „луди“ последните денови, а призна дека негов сон уште од детството бил да вози во Ферари.

„Поминав 11 прекрасни години во Мерцедес, но дојде време да почнам ново поглавје во кариерата, во Ферари. Се чувствувам многу среќен бидејќи веќе ја остварив желбата да возам во Мерцедес, а сега ќе остварам уште еден детски сон - да бидам член на Ферари“, напиша Хамилтон во долгото соопштение на социјалните мрежи.

Британецот има седум титули во Формула 1, но последната од нив е освоена во 2020 година. Рекордер е по бројот на победи во светскиот шампионат со 103, а последната победа на една трка ја забележа во Саудиска Арабија во 2021 година.