Новиот тренер на Димитриевски одбил четири понуди за да ја води Валенсија
Искусниот стручњак потпиша договор со Валенсија до крајот на сезоната, со можност соработката да биде продолжена за уште една година.
„Одбив четири работни места и бев среќен што поминував време со семејството. Но, кога Валенсија ме повика, ѝ кажав на сопругата дека морам да дојдам овде. Таа го сака фудбалот повеќе од мене и беше многу возбудена“, откри Агире.
Тој не откри од кои клубови пристигнале четирите понуди што ги одбил. За Агире ова е седмиот шпански клуб во кариерата. Претходно работеше во Осасуна, Атлетико Мадрид, Сарагоса, Еспањол, Леганес и Мајорка. Неговото враќање во клупскиот фудбал доаѓа по третото селекторско искуство со Мексико. Агире го напушти националниот тим по елиминацијата од Англија во осминафиналето на Светското првенство.
Сепак, пред него е тешка задача во Валенсија. Тимот загуби пет од првите седум натпревари во сезоната и се наоѓа во долниот дел од табелата во Ла Лига. Агире веднаш испрати порака дека неговиот план е јасен — резултати, стил и препознатлив идентитет.
„Планот е да победуваме, тимот да има стил и идентитет. Кога ќе почнеме да победуваме, навивачите постепено ќе се враќаат“, порача мексиканскиот тренер.
Агире на клупата на Валенсија ќе дебитира на 11 октомври, на гостувањето кај Расинг Сантандер. Тој ќе има задача да го стабилизира тимот и да го извлече од тешката ситуација во која се најде на почетокот од сезоната.