Хамилтон до јубилејна 90-та победа на хаотичното гранпри во Муџело

Актуелниот светски првак во Формула 1, Луис Хамилтон го освои денеска хаотичното гранпри на Тоскана, кое се возеше на патеката Муџело и траеше повеќе од два часа, после два прекини и еден куп судири и продолжи со своето „соло возење“ кон нова шампионска титула.

Шесткратниот светски првак тргна од пол-позицијата и ја искористи за да стигне до победата на трката која донесе многу хаос уште од стартот на трката, по што рестартот донесе уште пострашен судир и прв прекин, а 14 круга пред крајот после излегувањето на Ланс Строл имаше и втор прекин, со што до бескрај се одолговлечи ова гранпри во корона-сезоната во Ф1.

Хамилтон победи пред својот клупски колега Валери Ботас, а трет на трката заврши Албон, што е прв подиум за вториот возач на Ред Бул. За Хамилтон ова е седма победа во сезоната, а јубилејна 90-та.

Ферари кој славеше илјадита трка во историјата во Ф1, повторно имаше ужасна трка, па Леклерк стигна до осмото, а Фетел на десетото место.