Формула 1 планира да се вози од 3 мај, ама никој не знае каде

Откако Формула 1 поради пандемијата на коронавирус ги одложи првите три трки во сезоната, а претходно откажано беше и гранприто во Кина, челниците на „октанскиот циркус“ и Светската автомобилистичка федерација (ФИА) најавија дека сезоната практично ќе започне во мај, ама...

Поради состојбата со коронавирусот, од ФИА и Ф1 најавија дека редовно ја следат ситуацијата, па во координација со СЗО ќе се решат што и како понатаму. Првата трка во сезоната е закажана за 3 мај, само што никој не знае – каде би се возела. По распоред треба да е Холандија, седум дена подоцна е ГН на Шпанија, но двете земји во моментов имаат сериозен проблем со галопирачкиот раст на заразени од коронавирус и затоа, трките практично висат. Ако и овие две испаднат од првичниот календар, следна е најатрактивната трка, гранприто на Монако.

ФИА и Ф1 најавија дека во зависност од состојбите ќе се прилагоди календарот, но засега никој не знае, колку целата криза ќе потрае. Пред два дена откажани беа трките во Австралија, Бахреин и Виетнам, а уште пред повеќе од еден месец и гранприто во Кина, земјата каде се појави коронавирусот.