Фетел најбрз во Канада за трета победа во сезоната

Возачот на Ферари, Себастијан Фетел триумфираше на трката за Големата награда на Канада, па така стигна до третата победа во сезоната.

Ова исто така беше 50. победа за Фетел во кариерата, а со денешната победа го прекина „постот“ на неговата екипа во Монтреал, кој траеше од 2004. година.

Зад него заврши Валтери Ботас од Мерцедес, а на третата позиција беше возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен. Четвртата позиција беше резервирана за неговиот тимски колега Даниел Рикардо, а петти беше Луис Хамилтон.

Големата награда на Канада не прикажа возбудувања како што многумина очекуваа, бидејќи борбата за победата беше решена на самиот почеток. Фетел тогаш одлично се одбрани од нападите на Ботас, а Ферстапен ја задржа третата позиција.

Покрај одличното возење на Фетел, на трката се случи и инцидент во првиот круг, во кој учествуваа Брендон Хартли и Ленс Строл.

Шампионатот во Формула 1 продолжува на 24. јуни со трката за Големата награда на Франција.