Фетел како Џемс Бонд – на скутер бркал крадци по улиците на Барселона!

Поранешниот светски шампион во формула 1, Себастијан Фетел, не по своја вина се нашол во слична ситуација како легендарниот филмски јунак Џемс Бонд, откако качен на скутер бркал крадци по улиците на Барселона.

Жртва на дрските ограбувачи бил самиот тој, во напад во кој, за среќа, минал без повреди, но во кој останал без ранецот што го носел. Грабежот се случил пред хотелот во центарот на каталонската престолнина, каде што поранешниот четирикратен Ф1-шампион бил сместен за време на трката која се одржа минатиот викенд.

Според шпанските медиуми, Фетел го оставил отворен прозорецот од својот автомобил, што било искористено од крадците да му го украдат ранецот. Германецот ги забележал и со електричен скутер тргнал да ги брка разбојниците, а успеал да ја утврди нивната локација со помош на слушалките кои се наоѓале во ранецот. Но, набрзо ги нашол фрлени крај патот, откако ограбувачите сфатиле дека поради нив би можеле да бидат пронајдени.

Германскиот возач заврши на 11. позиција на Големата награда на Шпанија во Барселона, а во моментов е дури 14-ти во генералниот пласман на возачи во Ф1-шампионатот.