Ферстапен е крал на Сузука: Историска победа во Јапонија за светскиот првак!

Бранителот на титулата во Формула 1, Макс Ферстапен стана прв возач во историјата со четири победи по ред на патеката Сузука.

До денеска го делеше рекордот со Михаел Шумахер со по три триумфи на Големата награда на Јапонија, но утринава славеше по четврти пат во низа и со тоа постави нов рекорд. Холанѓанецот славеше пред возачите на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пјастри за своја прва победа оваа сезона во светскиот шампионат.

 

 

Трката на Сузука ја одбележа инцидентот на излезот од боксот кога Ферстапен и Норис во ист момент отидоа на замена на гумите. Чеитикратниот светски првак ја држеше својата линија, Британецот се обиде да го претекне по што дојде до мал инцидент, а Норис заврши на тревата, но дирекцијата на трката процени дека нема потреба за истрага.

Ферстапен беше без конкуренција, на стартот поведе пред двоецот на Меклреан и секогаш кога Норис опасно ќе му се приближеше, знаеше да одговори. Пјастри во финишот беше во подобар ритам од својот тимски колега, но од Мекларен не побараа тие двајца да ги заменат позициите и да го надмудрат бранителот на титулата.

Најдобар од останатите беше Шарл Леклер на Ферари кој цела трка беше надвор од фокусот, но го освои четвртото место. Следуваа Расел и Антонели, седмата позиција ја освои Луис Хамилтон пред Исак Хаџар кој ги освои првите бодови во кариерата.

За Ферстапен ова е вкупно 64. победа во кариерата и сега е на само еден бод заостанување зад лидерот во генералниот пласман Ландо Норис.