
Драма во Јане: Кошаркар на МЗТ 2 доби силен удар во гради, па колабираше на терен (ВИДЕО)
Инцидентот се случи кога во напад беа младите „металци“, при што искусниот Никола Караколев во обид да одигра добра одбрана силно се заби во некогашниот младински репрезентативец, Дино Лазарев. Ударот беше толку силен што младото момче од Кочани летна на паркетот, каде што извесно време се превиткуваше, по што стана со помош на соиграчите. Потоа се упати кон соблекувалната за да му биде укажана лекарска помош, кога одеднаш му се слоши и колабираше на паркетот.
Тоа беше аларм сите од двата тима да се стрчаат за да му помогнат. Потоа дојде и лекарската екипа присутна на натпреварот, која потоа ја презеде грижата за Лазарев. Несреќниот кошаркар потоа беше изнесен на носилка и однесен во болница на дополнителни испитувања. Последните информации велат дека младиот кошаркар нема посериозна повреда и дека се чувствува добро.
Натпреварот беше во прекин при водство на Сокол 1933 (39-37) на осум минути до крајот на третиот период, а продолжи дури по повеќе од еден час.
* Инцидентот се случува на 8:05 до крајот на третата четвртина