Ла Лига може да отвори постапка против Барса за „Ел Класико“

Победата на Реал Мадрид на „Камп Ноу“ добива продолжение и надвор од теренот. Ла Лига најави дека до Дисциплинската комисија на Шпанската фудбалска федерација ќе пријави напад од навивачите на Барселона врз Едуардо Камавинга за време на прославата на решавачкиот гол.

Инцидентот се случи во финишот на неделното „Ел Класико“, во кое Реал славеше со 2-1. Откако Килијан Мбапе, по асистенцијата на Камавинга, го постигна победничкиот гол, фудбалерите на Реал тргнаа кон оградата за да го прослават голот, по што од трибините почнаа да летаат разни предмети.

Според шпанската новинска агенција „Европа прес“, дел од навивачите се обидуваа со знамиња да го удрат францускиот играч од средниот ред. 

„Ла Лига ќе го пријави нападот врз Камавинга од страна на еден од навивачите пред Дисциплинската комисија“,  наведуваат извори од лигата, нагласувајќи дека остануваат цврсто посветени на искоренувањето на сите форми на насилство и нетолеранција во шпанскиот фудбал.

Шпанското радио „Кадена СЕР“ објави дека судијата во официјалниот записник го евидентирал фрлањето шише и лименка, како и прекинот на играта во траење од околу 80 секунди. Сепак, обидите за удирање со знамиња не биле посебно наведени во записникот.

На Барселона сега ѝ се заканува дисциплинска постапка. Висината на евентуалната казна ќе зависи од официјалните извештаи, а меѓу можните санкции е и делумно затворање на стадионот за некој од следните натпревари.