„Кејн ниту самиот не веруваше дека ќе ги победи Мбапе и Јамал“
Англискиот репрезентативец го освои престижното индивидуално признание по исклучително успешната сезона во дресот на Баерн Минхен и во националниот тим. Кејн постигна повеќе од 50 голови за баварскиот клуб, ги освои Бундеслигата и Купот на Германија, додека со репрезентацијата на Англија стигна до полуфиналето на Светското првенство, а на крајот освои бронзен медал.
Сепак, и покрај импресивната статистика и освоените трофеи, неговиот избор предизвика полемики. Колку конкуренцијата била изедначена потврди и главниот уредник на „Франс фудбал“, Венсан Гарсија. Според неговите зборови, разликата меѓу Кејн и второпласираниот Килијан Мбапе била исклучително мала.
„Борбата меѓу Кејн и Мбапе беше многу неизвесна. Разликата беше дури и помала од онаа меѓу Родри и Винисиус во 2024 година“, изјави Гарсија.
Иако Кејн на крајот освои најмногу гласови, Гути смета дека признанието требало да заврши во рацете на некој од неговите конкуренти.
„Навистина е голема случајност тоа што по повод 70-годишнината доделувањето на „Златната топка“ го преселија во Лондон и што ја освои некој што потекнува од Лондон. Каква случајност, нели? Неверојатна случајност“, порача Гути.
Потоа јасно го изнесе својот став за тоа кому требало да му припадне признанието:
„Ламин и Мбапе повеќе ја заслужија „Златната топка“ од Кејн. Доволно е да се погледне изразот на неговото лице во моментот кога го прочитаа неговото име.“
Гути не застана само на критиката на конечниот пласман, туку посебно внимание посвети и на реакцијата на Кејн при прогласувањето на победникот. Според неговото мислење, англискиот напаѓач бил толку изненаден затоа што ни самиот не очекувал да ја освои наградата.
„Никогаш во животот не можел да замисли дека ќе ја освои „Златната топка“. Мислеше дека Ламин и Мбапе ќе завршат пред него“, изјави поранешниот фудбалер на „кралскиот клуб“.