Реми на Олимпико кое не одговора ни на Рома, ни на Јувентус (ВИДЕО)

Екипите на Рома и Јувентус одиграа нерешено (1-1) во претпоследниот натпревар од 31. коло на Серија А.

Конечниот резултат не му е од полза на ниеден од тимовите бидејќи со по еден бод губат и едните и другите. Јувентус само се израмни со Болоња која утре се среќава со Наполи, додека Рома заостана во однос на својот градски ривал Лацио и падна на седмата позиција на табелата.

Сепак, според виденото на теренот, нерешениот исход е најреален од дербито на колото. Локатели го отвори резултатот во 40. минута, а Шомуродов израмни во 49., четири минути откако влезе во игра. До крајот, домаќините беа нешто поактивни на теренот, но не создадоа изгледни шанси од кои можеа да го загрозат голот на Јувентус.

Пред овој меч, Рома беше во серија од седум победи, а римскиот тим не е победен во Серија А од 15 декември кога загуби на гости кај Комо со 0-2.