Арсенал го разнесе Реал, Интер има резултат за полуфинале (ВИДЕО)

Екипите на Арсенал и Интер остварија исклучително важни победи во првите четвртфинални натпревари од Лигата на шампионите и имаат големи шанси да се најдат меѓу четирите најдобри во елитното натпреварување.

„Топчиите“ на домашен терен го победија бранителот на титулата Реал со 3-0, додека Интер славеше на гости кај Баерн со 2-1.

Арсенал беше апсолутно подобар противник, но во првото полувреме не успеа да го совлада фантастичниот Тибо Куртоа. Којзнае како ќе се одвиваше и завршеше мечот, ако не беа двете бомби на расположениот Деклан Рајс од слободни удари.

 

 

Англискиот репрезентативец го отвори резултатот во 58. минута, а 12 минути подоцна зголеми на 2-0. Двата гола беа кој од кој поубави и сигурно меѓу најатрактивните во историјата на Лигата на шампионите. Точка на мечот стави Микел Мерино во 75. минута по одличното додавање од Луис Скели од левата страна. Колку и да звучи чудно, Реал може да биде и задоволен од овој пораз бидејќи одигра уште еден катастрофален натпревар и да не беше Куртоа на голот, сигурно ќе доживееше еден од најтешките порази во својата историја, кога станува збор за Лигата на шампионите.

Дополнителен проблем за мадридскиот тим ќе биде тоа што на реваншот, Анчелоти нема да може да смета на Едуардо Камавинга кој доби црвен картон во 94. минута.

Интер има причини да се надева на пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите откако вечерва славеше на гостувањето кај Баерн со 2-1. Голот на одлука падна во 88. минута кога Фратези ја искористи асистенцијата на Карлос Аугусот и му донесе победа на својот тим.

Претходно, Лаутаро Мартинез се погрижи за водство на Интер во 38. минута, а Томас Милер, во можеби својот последен натпревар во Лигата на шампионите пред навивачите на Баерн, израмни во 85. минута. Победникот од овој двомеч во полуфиналето ќе се сретне со подобриот од дуелите меѓу Барселона и Борусија Дортмунд.

фото: EPA PHOTO