Охриѓанецот Марко пред „челичен“ предизвик – ќе трча, вози и плива вкупно 107 километри!

Охридскиот пливач, Марко Пејчиноски (19 години), кој во македонската јавност е познат како најмладиот што го препливал Охридското езеро и покрај тоа што се соочува со некроза на ногата, на 28 август ќе се обиде да го реализира својот најголем спортски предизвик досега – сопствена верзија на „Ајронмен триатлон“.

Младиот херој планира да истрча 42,2 километри, исто толку да мине со возење велосипед и на крај да исплива 22,4 што вкупно изнесува 106,8 километри.

„Овој триатлон го осмислив сам – три маратони во еден, бидејќи девет години не можам да трчам и скокам, што ми го отежнува секојдневието. Станува збор за исклучително тежок предизвик, но решен сум да успеам“, изјави Пејчиноски за порталот „Сакам Да Кажам“ (СДК).

Маршрутата започнува со трчање од Свети Наум до Струга, потоа следува враќање назад до Свети Наум со велосипед, а последниот дел – пливањето – ќе биде од Свети Наум до градското пристаниште во Охрид. Пејчиноски и покрај здравствените проблеми го привлече вниманието кога во 2019 година, кога беше на 12-годишна возраст, исплива вкупно 64 километри во чест на лицата со ретки болести. Една година претходно, пак, пливаше од Свети Наум до Охрид, станувајќи убедливо најмлад кому му успеал таков подвиг.

Целиот текст може да го прочитате ТУКА.