Довициозо во спектакуларен финиш го победи Маркез, Роси трет во Катар

Новата Мотп ГП сезона стартуваше на спектакуларен начин со победата на Андреа Довициозо во Катар.

Возачот на Дукати најави напад на титулата со директната победа пред бранителот на титулата Марк Маркез.

Довициозо славеше иако стартуваше од петтата позиција, а успеа да го помине Шпанецот по жестоката битка во последните свиоци.

Шпанецот во спектакуларниот финиш го обиколи Италијанецот, но овој веднаш возврати со иста мера и стигна до деветтата победа во „кралската“ класа во кариерата.

До третата позиција и подиум стигна легендарниот „Доктор“ Валентино Роси, по само неколку дена откако го продолжи договорот со Јамаха на две години.

Четврти низ целта мина Британецот Кал Крачлоу, петти беше Италијанецот Данило Петручи, а шести тимскиот колега на Роси, Маверик Вињалес.