Македонскиот шампион Вардар доживеа нова катастрофа вечерва и добија нова фудбалска лекција од шпански Реал Сосиедад (0-6) во третото коло во Лига Европа, со што продолжи лошата традиција на македонскиот фудбал со 13-от пораз против Шпанци.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Вардарци имаа желба да ги освојат првите бодови во дебитантската сезона во второто по ранг натпреварување, но Баскијците предводени од Вилиан Жозе се едноставно друга димензција за црвено-црните. Жозе вечерва збесна на „Филип Втори“, па со четири гола ја наполни мрежата на Гачевски, а патем промаши уште неколку добри шанси и можеше сам до врв да ги наполни црвено-црните. Бразилецот постигна четири гола, по два во двете полувремиња, а Сосиедад уште до полувреме си ја заврши работата, откако на Вардар му даде три гола. Уште најмалку три зицери имаше Жозе за да даде уште некој гол, но еднаш пречката го спречи, еднаш Новак го изблокира на гол-линијата и уште еднаш биеше за малку крај голот.

Приказната и вечерва тргна слично како со Зенит пред еден месец, Сосиедад рано постигна гол по корнер. Микел Ојарзабал на втората статива рутински ја смести топката во мрежата за рано водство по десет минути, по што почна серијата на Жозе. За седум минути во завршницата од првиот дел даде два гола, прво во 35-та, па во 43-та минута, а по паузата додаде уште два за четири минути, во 55-та и 58-та минута. Де Ла Бела на минута до крајот постигна и шести гол за најубедлив пораз на Вардар во својата историја.

Вардар беше немоќен на теренот, Шпанците комплетно ја диктираа играта, иако имаа црвено-црните неколку добри шанси, барем за да постигнат почесен гол. Тигран Барсегјан по половина час излезе пред Џеронимо Рули, кој го спречи ударот, а Јамбули Џигаури имаше два обида, по еден во двете полувремиња, но Рули првиот (9 и 60 минута) ги одбрани.

Вардар на половина од настапот во Европа останува без бодови и следен предизвик им е гостувањето во Сан Себастијан кај вечерашниот противник на 2 ноември.