Одамна е познато за српско-руските братства на навивачките групи и за блискоста на Србија и Русија, па навивачите на Зенит го искористија денешниот меч за да упатат една политичка порака и тоа за воениот злосторник Ратко Младиќ.

Откако вчера, генералот на Војската на Република Српска беше осуден на доживотен затвор за геноцид во граѓанската војна во БиХ (Сребреница), навивачите на Зенит му одадоа почит, па на дуелот со Вардар истакнаа парола „Ратко Младиќ – српски херој“. Целиот статион во еден глас го извикуваше името на осудениот генерал, извикувајќи „Ратко Младиќ, Ратко Младиќ“.

Русија ја осуди денеска хашката пресуда за Младиќ, а очекувано и навивачите ја следат националната политика на својата земја. За УЕФА ова е недозволиво, па Зенит повеќе од сигурно е дека ќе добие висока парична казна.

Паролата експресно беше тргната по интервенција на домаќинот, но веројатно тоа нема да помогне многу во Нион, при изрекувањето на казната од страна на европската централа.