Вардар е најдобар македонски клуб во 64-годишната историја на ЛШ (ФОТО)

Најтрофејниот македонски клуб Вардар е најдобриот наш претставник во историјата во Лигата на шампионите, откако Европската фудбалска унија (УЕФА) ја објави вечната листа на најпрестижното натпреварување во изминативе 64 години – од 1955 до 2019.

Вардар нема настап во групната фаза во ЛШ, има настап во групите во Лига Европа како најголем клупски успех на еден македонски клуб од 2017 година, а на вечната листа се најде на 146-то место со вкупно осум настапи во елитното друштво (сосе квалификации) и вкупно освоени 18 бодови од 24-те настапи. Првпат Вардар во ЛШ, претходно Куп на Европски шампиони, играше во 1987 година со двомечот против тогашниот европски првак Порто, а продолжи со уште седум настапи во квалификациите од осамостојувањето, сооглед дека во првите години од независноста, македонскиот шампион немаше право на настап во елитата.

Севупно во 24 меча, Вардар има пет победи, осум ремија и 11 порази со гол-разлика 30-40 и е убедливо најдобар македонски клуб, а од екипите во поранешните југословенски простори пред црвено-црните очекувано се белградска Црвена Звезда, бившиот европски првак од 1991 година на 22-то место, потоа загрепски Динамо на 30-то место, па белградски Партизан, финалист во КЕШ од 1966 на 38-то место, словенечки Марибор на 51-то место и Хајдук Сплит на 77-то место.

Зад Вардар од македонските екипи е соседот Работнички на 186-то место, па следува тетовска Шкендија на 255-то место, Слога Југомагнат на 300-то место, Силекс на 342-то, Победа на 387-то, Македонија ЃП на 474-то и Ренова на 483-то место на вечната листа во ЛШ.

Убедливо најдобар клуб на сите времиња во ЛШ е најтрофејниот, Реал Мадрид кој има 13 европски титули, а зад „кралскиот клуб“ се Баерн Минхен, Барселона, Манчестер јунајтед, Јувентус, Милан, Ливерпул, Бенфика, Порто и Ајакс во „топ десет“.

Сета статистика за ЛШ во 64-годишната историја може да ја погледнете ТУКА.