Шкотски навивач расистички нападна Ромчиња среде Скопје! (ВИДЕО)

Симпатиите кои околу илјада навивачи на Глазгов Ренџерс ги собраа со своето пеење и забавување во центарот на Скопје пред дуелот на овој тим против Шкупи во рамки на првото квалификациско коло од Лигата на Европа исчезнаа како балон од сапуница, откако на социјалните мрежи се појави видео како еден од нив упати расистички навреди на сметка на неколку Ромчиња кои во тој момент се најдоа околу нив.

Лицето кое го снимаше видеото покажува со прст кон малите дечиња нарекувајќи ги „грешка“, за на крајот сочно да ги опцуе. Сето ова тој го зачини со текст „закачен“ врз видеото во кој, слободно преведено, пишува „Силата е кај белците, идиоти!“

Неговиот расистички испад не најде на одобрување кај останатите навивачи на Ренџерс, а видеото објавено на социјалните мрежи предизвика бурни негативни реакции кај речиси сите фанови на овој шкотски фудбалски гигант. Има барања доживотно да му се забрани да доаѓа на натпреварите на составот од Глазгов, како и управата на клубот во знак на извинување да ги покани дечињата да дојдат во Шкотска.