Тренерот на Работнички: Незаслужено бевме убедливо поразени од Торпедо!

Фудбалерите на Работнички се враќаат со убедлив пораз од првиот дуел во првата рунда од квалификациите за Конференциската лига, откако синоќа беа совладани од Торпедо-Бегаз (0-3) на неутрален терен во Унгарија.

Белорускиот состав ја искористи својата предност во искуство и дисциплина и си обезбеди комотна предност пред реваншот. Головите паднаа по корнер и преку две акции во второто полувреме, при што македонскиот тим не успеа да се врати во игра и покрај неколкуте обиди. Тренерот на Работнички, Бојан Маркоски, по натпреварот изрази незадоволство од висината на поразот.

„Тежок натпревар и убедлив пораз за нас, кој, според мое мислење, не заслуживме. Противникот беше поискусен, знаеше тоа да го искористи, го отвори резултатот од корнер, од воиграна акција, која пред мечот им ја напоменавме на играчите. Првите 15 минути имаа контрола, потоа беа и многу подобар тим. Ние имавме една шанса пред крајот на првото полувреме која требаше да ја реализираме. Го започнавме вториот дел подобро, но имаше две ситуации во кои не реагиравме најдобро и тие постигнаа уште два гола. Но, има уште еден натпревар во кој ќе се обидеме да ја надоместиме негативата, не се откажуваме, ќе го дадеме максимумот“, изјави Бојан Маркоски.

Реванш-средбата ќе се одигра на 17 јули со почеток од 18 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.