Стадионите во Италија се катастрофа - само еден е подготвен за ЕУРО 2032

На осум години пред Европското првенство кое Италија треба да го организира заедно со Турција, ситуацијата со стадионите во земјата е катастрофална, констатирал директорот на УЕФА, Микеле Ува.

Во моментов, само еден ги исполнува строгите критериуми и тоа Алијанц стадионот на Јувентус кој е најнов во земјата. Планот беше Италија само да го организира првенството, но откако челниците на Фудбалската федерација и властите сфатија дека ќе биде невозможно целосно да се обнови инфраструктурата, одлучија да се спојат со Турција.

„На Италија ѝ се потребни пет стадиони со исполнети стандарди, а досега се веќе одобрени и финансирани проектите за нив. Во моментов е подготвен само Алијанц стадионот во Торино, на Олимпико во Рим му се потребни низа поправки, а најкомплицирана е ситуацијата со Сан Сиро. За споредба, Турција изгради 13 нови стадиони последните години и тоа не само оние на кои ќе се играат натпревари од Европското првенство“, изјави Ува.

Италија не организирала голем фудбалски настан од 1990 година кога беше домаќин на Светското првенство и кога без изградени или целосно реновирани најголем дел од стадионите во земјата. Оттогаш многу малку се инвестира на ова поле, па затоа сега ситуацијата со објектите е исклучително лоша, а Италијанците ги очекува многу работа.