Надал пак го нападна Ѓоковиќ: Публиката со право се сомнева во неговите повреди
Тој во својот коментар за „Ел Паис“ ја анализираше одлуката на Новак да не го доигра тој дуел. На Тони не му се допаднало тоа што Ѓоковиќ „лесно“ му го предаде мечот на Александар Зверев.
„Верувам дека голем шампион како Србинот, некој кој придонел за највозвишените страници во тениската историја, не треба да биде испратен од ниту еден терен на овој начин, а најмалку од ’Род Лејвер Арена’, каде што го држи рекордот по број на победи и титули.
Од друга страна, разбирам дека публиката го покажа своето разочарување и гнев поради тоа што беше лишена од очекуваниот спектакл. Со текот на годините, околу Новак се создаваше одреден сомнеж, поради неговите гримаси, во веродостојноста на неговите повреди. Сомнежите започнаа за време на неговиот четвртфинален натпревар против Карлос Алкараз. По загубениот прв сет, Србинот им стави до знаење на противникот и на публиката дека нема да може да го продолжи мечот.
Реалноста беше дека тој не само што го одигра остатокот од натпреварот сосема нормално, туку на крајот победи. Против Зверев го одигра целиот прв сет со привидна нормалност и без видливи знаци на болка додека не реши да се откаже, дури откако Германецот го освои првиот сет“, напиша Надал.
Нему му е чудно однесувањето на Ѓоковиќ не само во Мелбурн, туку и на некои претходни турнири.
„Кога некој играч има физички проблеми на натпревар од ваков карактер, најчесто го чека крајот за да одлучи да се повлече. Повикува физиотерапевт, игра неколку поени повреден и дури кога ќе ја види својата неизбежна судбина решава да се предаде. Неколку пати сме го виделе Новак со слични изведби, со гестови на лицето и говор на телото кои се контрадикторни со она што го гледаме на теренот, што фрла сомнеж за автентичноста на неговите проблеми“, додаде постариот Надал.
Тој и порано имаше забелешки на однесувањето на Новак Ѓоковиќ, а многумина во тоа гледаа алиби за неговиот внук, односно фактот што Србинот имаше повеќе титули во кариерата.