СКАНДАЛ: Мечот Македонија ЃП – ЦСКА Софија нема да се игра во Скопје!?
Откако од Бугарија стигнаа низа барања и притисоци за тоа дека Скопје е ризична локација за одигрување на овој меч, дознаваме дека македонските власти не сакајќи да си стават „трн“ во здрава нога, решиле да го дисплоцираат мечот надвор од македонската престолнина, каде што секојдневно има народни протести против францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија.
Струмица се споменува како опција за одигрување на овој натпревар, со оглед на тоа што тамошниот стадион е најблиску до исполнување на сите стандарди на УЕФА. Но, небулозата тогаш би била уште поголема, затоа што Академија Пандев, екипа токму од Струмица не доби дозвола да игра европски натпревар (со Лехиа Гдањск) на нејзиниот матичен терен, затоа што не биле исполнети сите стандарди на УЕФА. Иако токму на тој терен во минатото има играно и репрезентацијата и тоа исто вакви „ризични“ натпревари, како што беше случајот со гостувањето на селекцијата на Албанија во 2017 година.
За евентуалната преселба на мечот надвор од Скопје, се знае и во ФФМ, од каде што се во интензивна комуникација со сите надлежни органи, како тоа да се изведе што е можно побезболно. За утре или задутре е закажан состанок на оваа тема во „Куќата на фудбалот“, по кој многу работи ќе бидат појасни.
Медиумите од кај нашиот источен сосед пред неколку дена побараа мечот да не се одигра во Скопје, туку на неутрален терен во Ниш, откако раководството на клубот од скопската населба Ѓорче Петров на гостинските навивачи им додели 60 влезници, согласно капацитетот на „Петар Милошевски“. Не би сакале ниту да помислиме што би се случило ако оваа варијанта излезе во прв план.
„Само 60 билети доби ЦСКА за првиот меч и причината е препораката од локалните власти, поради антибугарските протести. И сега прашање е дали мечот треба да се игра во македонската престолнина? УЕФА има пракса да реагира веднаш ако има политички тензии и ваквите мечеви ги 'праќа' на неутрален терен. Во овој случај, дури решението е и наједноставно, Ниш е близу до двата главни градови. ЦСКА треба да реагира и УЕФА многу веројатно ќе ја направи промената. За реваншот не би имало проблем да се игра во Софија“, пишуваше софиски „Труд“ пред неколку дена.
Дури е најавено и присуство на бугарски полицајци кои би требале да го штитат софискиот тим, чии членови не се чувстувале безбедно во Скопје.
Македонија ЃП веќе почна со продажба на билетите и тоа на билетарницата на стадионот „Ѓорче Петров“. Според соопштението на црвено-жолтите, билетарницата ќе биде отворена секој ден од 9-11 часот и од 17 до 20 часот секој ден до 20 јули или еден ден пред одигрувањето на натпреварот. Цената на еден билет е 300 денари, а секое лице може да купи најмногу два билети за што ќе биде потребна лична карта.