Сѐ решено за 20 минути: Разиграниот Интер е првиот полуфиналист во Лига Европа (ВИДЕО)

Фудбалерите на Интер први успеаја да се пласираат во полуфиналето од Лига Европа, откако со фуриозниот старт во вечерашниот дуел со Леверкузен дојдоа до потребниот триумф од 2-1 во пресметката што се одигра во Дизелдорф.

Миланезите тргнаа фуриозно и веќе по 20 минути имаа предност од 2-0 по головите на Барела и на Лукаку. Италијанскиот тим доминираше на теренот, но тоа не му пречеше на Каи Хаверц во 25. минута да го намали резултатот и да го остави германскиот состав во игра за пласман во следниот круг.

Малкумина во тој момент помислија дека тоа ќе биде сѐ од стрелците на овој меч, но тоа се случи. Интер фуриозно напаѓаше и во второто полувреме, но без конкретен ефект. Најблиску до тоа беше Мосес во 76. минута, кога ја погоди десната пречка. Тимот од Милано во финишот доби и пенал за да ги реши дилемите, но тој беше поништен од ВАР за дополнителна неизвесност, а истото му се случи и претходно во средбата.

Интер во полуфиналето ќе се сретне со подобриот од утрешната пресметка помеѓу Шахтјор и Басел. Победникот, пак, од вториот вечерашен четвртфинален дуел помеѓу Манчестер Јунајтед и Копенхаген ќе биде решен по продолженијата или по пенали, откако регуларниот дел од мечот заврши со 0-0.