Сити ослабен оди по бодови во Марсеј, незгодно гостување на Реал во Менхенгладбах

Вечерва се играат натпреварите од второто коло во елитната Лига на шампиони, па се очекуваат повторно многу голови и возбудувања. Манчестер сити гостува кај Олимпик Марсеј, но ќе биде ослабен за неколку фудбалери, додека Реал Мадрид има незгодно гостување кај Борусија Менхенгладбах.

„Граѓаните“ не импресионираат со резултатите сезонава во Премиерлигата  затоа што имаат осум бодови по пет одиграни натпревари, а сега се соочуваат и со проблеми пред натпреварот против Олимпик Марсеј.

Премиерлигашот нема да може да смета на неколку фудбалери, меѓу кои се Серхио Агуеро, Нејтан Аке, Фернандињо и Габриел Жесус, додека Марсеј комплетен го пречекува гостинскиот тим на „Велодром“, каде што Димитри Паје заедно со другите ќе се обидат да го изненадат гигантот.

„Го познавам добро Вилас-Боаш, кој е неверојатен тренер. Го сретнав во Барселона и разговаравме. Тој има големо искуство и ја познава Премиерлигата. Исто така е млад стратег, кој го предводи Марсеј на одличен начин“, кажа Гвардиола за неговиот ривал.

Реал Мадрид нема да може да смета на неколку фудбалери на тешкото гостување во Борусија Менхенгладбах, меѓу кои се Начо, Мартин Одегард, Дани Карвахал, а постои можност Еден Азар да заигра, иако тоа не е сигурно.

„Кралевите“ очајно ја почнаа новата сезона во елитното натпреварување, откако загубија во првото коло од Шахтер Доњецк со 2-3 на домашен терен, додека Борусија Менхенгладбах одигра 2-2 против Интер.

„Знаеме во каква ситуација се наоѓаме, ова е нашиот втор меч во Лигата на шампиони. Мора да бидеме фокусирани во сите 90 минути, да се бориме. Ќе биде тешко и ќе мора да се фокусираме на тоа што се случува на теренот“, кажа Зидан, кој може да се пофали дека минатиот викенд ја совлада Барселона во „Ел Класико“.