Шкупи против ирски Даблин во претквалификациското коло во ЛШ во футсал

Македонскиот футсал шампион Шкупи ќе се соочи со ирскиот Блу Меџик Даблин во претквалификациското коло во Лигата на шампионите, реши денешната ждрепка во Нион за воведната рунда за новата сезона во елитата во мал фудбал.

Шкупи против даблински Блу Меџик ќе игра во периодот од 25 до 29 ноември, за кога е закажана претквалификациската рунда во ЛШ, а победникот од овој меч влегува во шеснаестинафиналето во елитното друштво.

Чаирчани и за минатата сезона беа прогласени за шампиони и покрај прекинот на сезоната откако експлодира епидемијата од коронавирус, па сега ќе имаат шанса подолго да опстојат на меѓународната сцена, во еден поинаков формат на натпреварување.

Македонскиот првак ќе биде домаќин на мечот, но за точниот датум на одигрување на пресметката ќе биде дополнително одреден.