Секулов остана без европска титула: Холандија ги здроби италијанските таленти

Македонецот Никола Секулов, кој пред шест месеци избега од Македонија за да игра за Италија остана без европска титула откако денеска „аѕурите“ загубија убедливо од Холандија со 2-4 во финалето на Европското првенство до 17 години во Р. Ирска.

Секулов кој и овој меч го почна како резерва, влезе во игра во 47-та минута од мечот, кога веќе победникот практично беше решен уште во првиот дел, кога „лалињата“ постигнаа три гола преку Хансен во 20-та, Банис во 37-та и Матасен во 45-та.

Секулов, кој е фудбалер на италијански Јувентус играше за Македонија до 17 години во 2017 година и потоа „исчезна“, а лани беше откриено дека одбил да игра за нашата селекција и дека потоа го префрлил фудбалскиот пасош во Италија, а ФИФА пред неколку месеци даде дозвола за да игра официјални мечеви за „аѕурите“ и со тоа земјава го загуби еден од најголемите таленти во моментов.

Италија постигна гол за искра надеж преку Коломбо во 56-та, а Иривар во 70-та ја запечати убедливата победа за да ѝ донесе на Холандија европска круна во младинска категорија. До крајот, Коломбо постигна уште еден гол за Италија колку да го ублажи поразот.