
Седум хрватски навивачи уапсени за нацистички поздрави на „Стад де Франс“!
Според полициски извори, десетина хрватски навивачи изведувале нацистички поздрави уште пред почетокот на натпреварот, за време на интонирањето на националната химна. Истите гестови биле повторени и во текот на првото полувреме, што довело до полициска реакција. По завршувањето на натпреварот, кој Франција го доби по пенали и се пласираше во полуфиналето, седум навивачи биле приведени поради недозволено однесување.
На трибините во Сен Дени имало околу 400 хрватски навивачи. Пред натпреварот, околу 300 од нив марширале кон стадионот изведувајќи нацистички поздрави и палејќи чадни бомби, додека полицијата ја следела ситуацијата. При претрес, кај навивачите биле пронајдени метални шипки, телескопски палки и други предмети.
По завршувањето на натпреварот, навивачите мирно го напуштиле местото, а нивните автобуси заминале без инциденти, соопшти полицијата.