Роналдо: Ова се моменти кои тешко се објаснуваат!

Малку фалеше Кристијано Роналдо како трагичар да го заврши настапот на своето последно Европско првенство, Португалецот промаши пенал, но Португалија успеа на пенали да ја елиминира Словенија.

Во 105. минута од натпреварот Роналдо доби шанса да шутира пенал, Облак го одбрани неговиот удар. Португалецот дури и плачеше на паузата од продолженијата.

Потоа во пенал серијата Роналдо пак ја зема топката, овојпат беше прецизен, благодарение на голманот Кошта кој одбрани три пенали, Португалија се пласира меѓу осумте најдобри.

„Ова се моменти кои тешко се објаснуваат, имав шанса да донесам водство, но не го направив тоа. Облак ми одбрани, цела година не промашив пенал се до овој момент, кога беше најпотребно, не реализирав. Солзите? Дури и најдобрите имаат вакви денови, бев тажен бидејќи на тимот му требаше гол“, изјави Роналдо.

„Ова е мое последно Европско првенство, се разбира. Но, не сум трогнат од ова, трогнат сум од ентузијазмот. Жал ми беше за фановите. Секогаш ќе го давам најдоброто за овој дрес, без разлика дали промашувам или не. И тоа ќе го правам целиот мој живот. Треба да преземате одговорност“.

„Беше тешко, но тоа е фудбал. Тие се бранеа многу добро, тие се многу силни, но Португалија победи бидејќи одигравме подобро, имавме подобри шанси и заслуживме да бидеме меѓу најдобрите осум“.