Федерер: Уживам гледајќи го Ѓоковиќ како сѐ уште руши рекорди!

Средбите на Вимблдон веќе се во центарот на вниманието на спортската јавност, па не е ни чудо што за медиумите е и тоа како интересно што има да каже Роџер Федерер, иако повеќе не е на тениските терени.

Швајцарецот гостуваше во подкастот „Што сега? Со Тревор Ноа“, каде што, меѓу другото, говореше и за Новак Ѓоковиќ. Србинот има шанса да се израмни со Роџер по бројот на трофеи на Вимблдон, но и покрај тоа Федерер имаше само убави зборови за него, но и за Енди Мареј и за Рафаел Надал.

„Уживам гледајќи го Ѓоковиќ како продолжува да руши рекорди, а се надевам дека Енди ќе продолжи да игра колку што му дозволува колкот, бидејќи се уште има желба. Рафа знае дека беше во тешка ситуација и верува дека може да продолжи да победува што е можно повеќе, а и јас верувам во тоа“, изјави швајцарскиот тенисер.

Роџер зборуваше и за документарниот филм „Последните 12 дена“ во кој главна тема е токму неговото пензионирање.

„Најважно е што тој филм не го снимавме за публиката, туку за нас. За моите деца, за мојот тим, за моите пријатели да можат да го гледаат еден ден. Не сакав камери постојано околу мене, особено не дома бидејќи сакам да ги држам децата подалеку од сето тоа. Отсекогаш сум бил отворен за медиумите, освен кога сум дома. Приватното е приватно“, објасни Федерер.

Тој се осврна и на периодот кога реши да се пензионира.

„Тоа лето веќе сфатив дека коленото нема да ми се подобри и почнав да размислувам каде да се повлечам. Решив тоа да биде на Лејвер купот во Лондон, тогаш ми се јави Рафа и решивме заедно да играме двојки. Тогаш решив да го снимам, бидејќи знаев дека ќе биде опуштено“, изјави некогаш најдобриот на светот.

Федерер ги прокоментира и многуте тениски новитети.

„Точно е дека треба да се знаат добрите и лошите страни на противникот, но во моите најдобри години се концентрирав само на мојата игра, а останатото го решавав во од. Во последните години на сцена стапија аналитичари и слушнав работи како 'во клучните точки игра на таа страна во 73 проценти од случаите...'. А што да правам, да му ја чекам топката таму или да мислам дека го знае тоа. Знаев што ривалите прават во повеќето случаи и играв на интуиција. Не сакав да ги знам сите тие статистички податоци“, заврши Федерер.