Аканџи трагичар, Англија преку пенали до полуфинале (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Англија преку пенали успеа да ја елиминира Швајцарија и да стане претпоследниот полуфиналист на Европското првенство.

Англија и Швајцарија одиграа уште еден натпревар кој не донесе преголеми возбудувања освен во финишот од мечот.

Првото полувреме помина без посериозни прилики, а ниту една од двете селекции немаше удар во рамките од голот. Вториот дел донесе нешто подобра игра, но и тоа не беше нешто премногу возбудливо.

Швајцарците имаа иницијатива, па така успеаа и први да дојдат до водство. Емболо се најде на вистинското место по топката во шеснаесетникот од Ндоје и погоди за 1:0 во 75. минута.

По тој гол Англија веднаш тргна офанзивно по изедначување до кое и брзо дојде. Фудбалерот на Арсенал Букајо Сака само пет минути по голот на Емболо ги врати работите како на почетокот.

Од тој момент двете репрезентации играа претпазливо и не ризикуваа, ниту до крајот на регуларните 90, ниту во дополнителните 30 минути фудбал, Во пенал серијата единствен кој промаши за Швајцарија беше Аканџи, додека кај Англија погодуваа Палмер, Белингем, Сака, Тони и Арнолд.