Огромен интерес: Рекорден број тркачи на утрешниот јубилеен Скопски маратон!

Во текот на утрешниот ден по улиците на престолнината ќе се одржи јубилејното 20. издание на Скопскиот маратон и тоа со рекорден број учесници, што е доказ за големиот интерес кој владее за оваа манифестација, кај нас, но и многу пошироко.

Во маратонската (42,195 км), полумаратонската (21,097 км), штафетениот маратон и рекреативната трка на пет километри ќе се појават вкупно 13.440 натпреварувачи од 55 светски држави, што е за илјада вљубеници во тркачките спортови повеќе во однос на досегашниот рекорд од 2019 година (12.450). Актуелниот рекорд на маратонската трка за мажи е во сопственост на Кипротич Кируи (2:12:36 часа) поставен во 2016 година, а кај жените е на Еунике Мучири (2:33:37), истрчан во 2019 година, а и двајцата се од Кенија.

Првата маратонска трка од меѓународен карактер насловена како Скопски маратон е одржана во 1997 година, следуваше и во 1998 година, а потоа следуваше пауза до 2007 година, кога на програмата беа трките полумаратон, 5.000 метри и 2.000 метри. Во 2008 година беше донесена одлука да се организира и маратонска трка.