Вила парк - последна станица за Ерик Тен Хаг!?

Со серија од четири меча без победа во сите натпреварувања и со дебакл од Тотнем во минатото коло, Манчестер Јунајтед утре гостува кај Астон Вила во мечот кој би можел да биде последен за Ерик Тен Хаг како менаџер на овој клуб.

Против холандскиот стручњак се свртени сите, од управата, преку играчите и навивачите, до Алекс Фергусон кој му беше најголема поддршка досега. Евентуален пораз од Астон Вила утре, веројатно ќе значи крај на мачењето и на Тен Хаг и на фановите на Јунајтед бидејќи трофејниот клуб повеќе не може да си дозволи вака да си го уништува реномето.  Астон Вила се наоѓа во многу подобра форма, во моментов е на петтото место на табелата, а во Лигата на шампионите во текот на неделата го победи Баерн.

Моментот за Јунајтед да се откаже од Тен Хаг е перфектен, следува двонеделна пауза поради Лигата на нации и наследникот ќе има доволно време да се запознае со приликите во екипата и во клубот. Се шпекулира со многу имиња како можни наследници, во комбинација се Масимилијано Алегри, Герет Саутгејт, но се чини дека најреална опција е Томас Тухел.