Чупиќ: Ни фалеше малку искуство и среќа за сега да правиме друг муабет

Вардар и покрај тоа што беше без шанси денеска против Мелсунген одигра борбено и ремизираше со Мелсунген 26-26 во последниот натпревар од Лигата на шампионите сезонава.

Тренерот Иван Чупиќ по натпреварот испрати честитки до германскиот состав кој со овој бод заедно со Висла продолжи во следната фаза.

Честитки за Мелсунген за пласманот во следната фаза, сега слушнав дека им било и нерешено доволно. За нас беше ова уште една школа, се гледа дека нашата екипа покажува карактер, се носиме со сите, но ни недостасува малку искуство или среќа за сега да правиме друг муабет.

Според хрватскиот стратег еден од проблемите денеска бил шутот од надвор.

Тоа е реалноста. Денеска бевме многу добри во одбрана, во нападот имавме малку проблем со шутот од надвор, потоа со ниски играчи бевме пофлуидни во нападот. Секој детал чини во овие натпревар, нас тоа не чинеше победа на овој натпревар. Треба да гледаме напред кон следните натпревари. Не сум задоволен само со бројот на освоени бодови, но се презентираме на еден убав начин, го презентиравме Вардар, македонскиот ракомет и балканскиот ракомет на еден вистински начин.

Ако го исклучиме мечот со Висла дома, сите натпревари беа неизвесни и до крај не се знаеше кој ќе победи. Но, ако ја погледнеме табелата, тоа е реалноста. Сакавме да поминеме групата, секогаш целиме високо, но тоа е што е.

Европската сезона за Вардар не завршува тука, македонскиот шампион продоолжува во Европската лига.

Тешко е да зборуваме за Лига Европа кога уште не знаеме кој ќе поминат, со кои ќе играме. Очекуваме да продолжиме да бидеме конкурентни, но зависи од тоа со кој ќе се паднеме. Ако наидеме на противник кој е поквалитетен, со поголем буџет може да имаме проблем.  Но, ние сакаме да стигнеме што е можно подалеку, ќе размислуваме чекор по чекор. Во овие натпревари покажавме да знаеме да играме сериозен ракомет, но важна е ждрепката. Мислам дека ќе напредуваме во вториот дел од сезоната, и се надевам дека формата ќе кулминира во финишот кога ќе биде најпотребно.

Следниот голем предизвик за Вардар е веќе викендов и тоа ќе биде „вечното дерби“ со Пелистер кое се игра в недела од 19:00 часот.

Имаме 2-3 играчи кои ќе играат првпат вакво дерби, балканско дерби. Пелистер игра специфичен ракомет каков што никој од наша група во ЛШ не играше. Ние ќе бидеме фаворит, не бегаме од тоа и треба така да се поставиме во недела. Нешто ќе се прашува и Пелистер, но ние сме екипа која играше во ЛШ, која е шампион на Македонија и која има најдобар ростер според мене, па нема да бегаме од фаворитската улога. Секогаш барам повеќе од играчите, така ќе биде и овојпат.