Ѓоковиќ со пресврт ја скокна првата пречка во Базел

Новак Ѓоковиќ успешно ја започна својата мисија на турнирот во Базел, откако по пресврт го совлада Французинот Уго Умбер со 2-1 во сетови и се пласираше во осминафиналето.

Српскиот тенисер, кој се наоѓа на 12. место на АТП-листата, славеше против противникот кој е 26 позиции послабо рангиран од него.

Умбер го доби првиот сет со 6-4, откако направи брејк во третиот гем и успеа да ја зачува предноста до самиот крај. Во вториот сет улогите се сменија. Ѓоковиќ направи брејк во вториот гем, потоа сигурно ги освојуваше своите сервис-гемови и со 6-3 израмни на 1-1 во сетови.

Во решавачкиот сет се играше изедначено до петтиот гем, кога српскиот ас ја искористи втората брејк-топка и поведе со 3-2. Веднаш потоа ја потврди предноста на свој сервис за водство од 4-2.

До крајот на сетот двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис, па Ѓоковиќ го приведе мечот кон крајот и славеше со конечни 4-6, 6-3, 6-4.

Противник на Ѓоковиќ во осминафиналето ќе му биде Германецот Јан-Ленард Штруф, 47. тенисер на АТП-листата, кој во два сета, со 6-4 и 6-3, го елиминираше својот сонародник Јаник Ханфман, кој е на 59. место на светската ранг-листа.