Украинска тенисерка одби да се ракува со противничката која игра за – Франција!

Украинката Дајана Јастремска ја совлада француската преставничка Варвара Грачева со 2-1 во сетови во вчерашниот меч од 2.коло на Вимблдон, што само по себе не е некоја сензационална вест, со оглед што победи фаворитката во судирот меѓу 27. и 70. тенисерка од светската ВТА листа.

Мечот траеше дури два часа и 36 минути, а Јастремска триумфот го обезбеди дури во тај-брејкот од третиот сет, добивајќи го со 10-5. Но, поважно за овој дуел е што се случи по завршувањето, кога Украинката одби да се ракува со својата ривалка на мрежата, со што ја продолжи традицијата што ја почна откако започна војната меѓу Русија и Украина.

Варвара Грачева настапува под француско знаме, но е родена во Москва, а бидејќи и самата не се согласува со руската политика во однос на Украина, побара француско спортско државјанство. Но, иако е против војната, тоа не ѝ помогна во случајот со Јастремска, која не се интересира за ставот на противничките, туку само фактот во која земја се родени.

Судејќи по реакцијата на Грачева, која очекуваше Јасстремска да и подаде рака и таа беше изненадена од потегот на Украинката. Инаку, Јастремска веќе две години води кампања надвор од тениските терени за исфрлање на руските спортисти од сите натпреварувања.