„Ридигер реагираше како веќе да има договорено трансфер во Реал“

Челси претрпе тежок пораз од Реал Мадрид (1-3) во првиот четвртфинален круг во Лигата на шампионите, а еден од головите беше вистински подарок за Шпанците.

Цел свет го виде голкманот Едуард Менди како главен виновник во 46. минута, кога нерезонски додаде топка кон Антонио Ридигер, 40-тина метри оддалечен од голот и со Карим Бензема во непосредна близина. Меѓутоа еден поранешен англиски репрезентативец смета поинаку.

Габриел Агбонлахор, како гостин-аналитичар за популарниот канар „Ток спорт“, вели дека забележал задршка кај Ридигер во целата ситуација. Како причина за тоа ја наведува можноста за веќе договорен трансфер со Реал.

„Знам дека додавањето на Менди беше лошо, но Ридигер интервенираше во страв да не се повреди. Како веќе да има подготвен трансфер и не сака да се повреди, кога веќе сè договорено“, вели Агбонлахор.

Ридигер не го продолжува договорот со Челси и, речиси, цела сезона се зборува за негово заминување, а како главна дестинација се спомнува Реал Мадрид.