Реал Мадрид го брани пехарот од Скопје и сака да ја допише историјата во Европа!

Првпат во историјата два клуба од ист град ќе се соочат во европскиот Суперкуп, кој годинава се игра во Талин (Естонија), по кој едно е сигурно – во Мадрид ќе се слави. Дали најтрофејниот светски клуб Реал Мадрид ќе запише хет-трик и ќе го одбрани ланскиот пехар од Скопје или Атлетико Мадрид ќе ја прекине страшната доминација на „кралевите“, ќе покаже вечершната пресметка како најава на новата европска сезона од 21 часот.

Реал Мадрид пред една година во Скопје напиша историја како прв клуб што го одбранил Суперкупот по пауза од 27 години, но откако во Киев историјата ја допиша со хет-трик во ЛШ, сега „кралевите“ посакуваат да ја продолжат жетвата на европски пехари, но овојпат мадридскиот великан почнува ера без најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо, кој летово замина во Јувентус за 105 милиони евра.

Реал атакува на петтиот суперкуп трофеј во осмиот настап, за разлика од Атлетико Мадрид кој го брка третиот, а прв по шест години пауза. „Кралевите“ трофејот го освојуваа во 2002, 2014, 2016 и лани во Скопје во 2017 година, откако првите два во 1998 и 2000 ги загубија, но сега пред мадриѓаните е шанса да се израмнат со Милан и Барселона на врвот на листата на освојувачи со по пет вакви трофеи. Мадридските црвено-бели, пак, имаат трофеи од 2010 и 2012 година и имаат стоотстотен ефект со две победи во двете досегашни изданија, победувајќи како освојувачи на Лига Европа. Тоа што е сигурно ова ќе биде 15-ти пехар за Шпанија, како убедливо најдобра фудбалска земја во Суперкупот, пред Италија со девет пехари и Англија со седум.

„Сакаме да победиме и подготвени сме за такво нешто. Добро се подготвивме за овој меч, па ќе направиме се за да победиме голем тим, против кој треба многу добро да одиграме ако сакаме успех. Атлетико е голем тим со фантастични фудбалери и тренер, кој со години ги предводи во вистински правец. Нè очекува тежок меч и на физички, а и на психички план и ова е финале во кое двата тима ќе го дадат најдоброто од себе. Фокусирани сме на тоа што треба да направиме за да го победиме Атлетико“, вели Хулен Лопетеги, тренерот на „кралевите“.

Атлетико секогаш бил „тврд орев“ за поголемиот мадридски клуб, но Реал секојпат знаел во ваквите европски финалиња да го победат лутиот градски ривал, особено откако двапати триумфираа против црвено-белите во финалињата во ЛШ во 2014 и 2016 година.

„Наша цел е да напредуваме во однос на минатата сезона. Очекувањата се големи и знаеме што се бара од нас. Реал сега ќе игра поинаку, ќе играат со висок пресинг, ќе не притискаат и ќе сакаат да ја контролираат топката во нашата половина. Лопетеги ја имаше истата философија и како шпански селектор, но најважно за нас е да имаме силни емоции и голема желба за победа“, вели Диего Симеоне, тренерот на мадридските црвено-бели.

Судија на мечот е полскиот арбитар Симон Марчиниак, кој во 2015 година го судеше младинското финале помеѓу Шведска и Португалија на ЕП.