Повеќе од пола земји во ЕУ не сакаат Суперлига - го известија судот во Луксембург

Повеќе од половина земји во Европската унија (ЕУ), вкупно 16 од 27-те членки меѓу кои и Италија и Шпанија испратија допис до Европскиот суд на правдата во Луксембург во кој се спротивставуваат на идејата за формирање на Суперлига, проект кој го туркаат три великани на светскиот фудбал, Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.

Откако во април годинава фудбалот го погоди силен земјотрес со обидот за отцепување на богаташите, после кој останаа само трите великани сами во проектот, „сепаратистите“ добија ветер во грб со одлуката на шпанскиот суд дека не смеат да бидат казнети од УЕФА, но за да заживее проектот сепак треба да се изјасни судот на ЕУ.

Уште годинава до судот е испратено барање за да одлучи дали ФИФА и УЕФА имаат монопол врз фудбалот и дали со тоа се кршат анти-монополските закони на Европската унија, а ако судот се изјасни за такво нешто, тогаш ќе се отвори патот за формирање на Суперлигата.

Според најавите во првиот квартал од идната година ќе има јавно сослушување на страните, а неколку месеци потоа, најверојатно до лето, ќе биде донесена пресудата, во која УЕФА со поддршка од ЕУ се надева дека ќе победи, а „сепаратистите“ дека по примерот на кошаркарските гиганти ќе издејствуваат натпреварување кое сами ќе го контролираат, како Евролигата, која е пред распад после вчерашните најави дека НБА со поддршка на ФИБА ќе создава НБА Европа, користејќи го моментното незадоволство на дел од клубовите од финансиската распределба на парите и наградите.

ЕУ сега се спротивставува на идејата за Суперлига, сметајќи дека спортот, а во случајот фудбалот, треба да се иземат од законот за конкуренција, зашто пирамидалната структура е така поставена во која не може да се смета монополска улога на организација во која членки се сите земји од Европа, а не само членки на ЕУ.

Германската ДПА, во изминатава недела објави дека сѐ поизгледни се шансите за победа на „сепаратистите“, а тие веќе до Европскиот парламент и европската комисија испратиле нон-пејпр преку кој бараат разгледување на проектот и нејзино признавање со друга идеја, лигата да не е затворена, да има две дивизии, а клубовите да си продолжат да играат во своите национални првенства.