Поатрактивно - здравје: Ранетиот Реал против гладот за победи на ПСЖ!

Вистинска фудбалска наслада ја очекува европската јавност вечерва (20.45), како ретко кога вака рано во сезоната од Лигата на шампионите. ПСЖ му гостува на Реал Мадрид во најатрактивната од осминафиналните пресметки.

Немаше овој дуел да биде толку привлечен, ако не се соочеа двајца од ѕвезденото трио во светот. Кристијано Роналдо ќе докажува дека уште не му поминало времето, а Нејмар, пак, ќе се обиде да оправда зошто е најскапиот фудбалер во светот. Можеби, ќе има и притисок или, пак, желба, да покаже дека тој е иднината на Реал Мадрид, со што би ги подгреал шпекулациите за нов луксузен транфсер.

Но, настрана од личните докажувања, армијата навивачи на Реал бара резултати. Кралскиот клуб ја игра една од најслабите сезони со недостижна негатива зад Барселона во шпанското првенство и веќе елиминиран од Копа дел реј и тоа од Леганес.

Реал, едноставно, не функционира, па секој еден од екипата досега беше посочен како виновник. Се ниша и столчето на Зинедин Зидан, па тој има голема мотивација да излезе како победник во овој двомеч. Проблем ќе му претставува отсуството на Карвахал поради суспензија од жолти картони, но сигурно е дека Начо ќе влезе во почетните 11, како централен бек, а Варан би покрил на десната страна наместо Карвахал Напред ќе играат Роналд, Бензема и Бејл, а евентуално шанса би можел да добие и Иско.

Кај ПСЖ повреден е само Тјаго Мота, а пишувањата дека Нејмар можеби е неизвесен со повреда на скочниот зглоб најверојатно ќе останат само на тоа. Богатиот катарски проект го имаше најдобриот напад во основната фаза во Лигата на шампионите, па ќе биде предизвик да се задржат Нејмар, Кавани и Мбапе и на „Сантјаго Бернабеу“. За нив е голема фрустрација тоа што во последниве сезони отпаѓаат постојано во осминафиналето или во четвртфиналето, затоа со голем апетит ќе се нафрлат врз ранетиот Реал.

Во сенка на случувањата во Мадрид, на „Драгао“ Порто ќе го пречека Ливерпул. Со оглед на својата форма во последниов период „Црвените“ се фаворити, сепак Порто е лидер во португалското првенство и нема да дозволи да падне без голема борба.