Пикси самоуверен: Србија не се плаши од никого – ќе ги нападнеме Англичаните!

Репрезентацијата на Србија првиот настап на едно ЕП како самостојна држава ќе го почне со пресметката со Англија, еден од најголемите фаворити за златото, а во пресрет на овој дуел владее одлично расположение во таборот на нашиот северен сосед.

Селекторот Драган Стојковиќ-Пикси даде дури и самоуверена изјава дека неговата селекција не се плаши од Англичаните, кои планира да ги нападне. Тој дури потенцира дека нема да нареди повлекување ако неговите момци први дадат гол.

„Ако први дадеме гол, ќе им наредам на момците да дадат и втор. Шегата на страна, ќе видиме како ќе се развива натпреварот. Кога играте против Англија треба да бидете на вашето најдобро ниво. Ќе направиме сѐ за да им создадеме проблеми и да креираме шанси. Ова е турнир, секој гол е важен. Ќе биде подготвени за предизвикот. Знам само дека нема да се браниме, туку дека не се плашиме од противникот и дека планираме да го нападнеме од првата минута“, изјави Пикси.

Натпреварот помеѓу Србија и Англија се игра вечерва во Гелзенкирхен со почеток од 21 часот.