Гардијан се прашува: Ај што ги навредуваше Србите, ама зошто Македонците?

Албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку си обезбеди популарност откако минатата недела, по натпреварот со Хрватска на Европското првенство, го зеде мегафонот и ги навредуваше Србија и Македонија.

Со неговиот проблем деновиве се занимаваат речиси сите светски медиуми и никој не може да сфати како еден професионален фудбалер го искористи првенството за испраќање политички пораки и навреди кон цели народи. Денеска на таа тема пишува и угледни британски весник Гардијан, а на авторот на текстот му се нејасни некои работи во овој случај.

„Даку е Албанец роден во Косово и нетрпеливоста и омразата со Србија се добро познати и документирани. Логиката да се навредуваат Македонците, не e очигледнa и е нејасна“, пишува, меѓу другото, Гардијан.

Даку е роден во Гњилане во 1998 година, во периодот на најголемите тензии меѓу Србите и Албанците на Косово кои една година подоцна резултираа со воена интервенција на НАТО. Во 2020, Даку дебитираше за косовската репрезентација, но лани го смени дресот и заигра за Албанија со која обезбеди пласман на Европското првенство.