Тренерот на англискиот премиерлигаш Тотнем, легендарниот Жозе Мурињо, синоќа на прес конференцијата по мечот со Шкендија од квалификациите за пласман во Лигата на Европа несакајќи ни нарави огромна реклама низ целиот свет. За жал, лоша...

Нема светски медиуми, фан страна на Фејсвук или познатите тролски веб страници за фудбал, кој не објавија за ниските стативи на нашиот најголем и најубав стадион. Од Вашингтон, па сѐ до Тајван, главна вест е реакцијата и фотографијата на Мурињо како се слика под стативата. Дури и Португалецот тоа го објави на неговиот Инстаграм профил каде што има 200.000 следбеници. Веста ја објавија и Ројтерс, Асошиетед Прес, ЕСПН...

Добро што самиот Мурињо и неговиот голман Лорис тоа го осознаа на загревањето пред мечот. Стативите беа сменети и беа поставени нови, со „нормални“ димензии.

Само нѐ мачи прашањето - колкумина голмани, тренери, делегати продефилираа низ скопската „Арена“ минатиот период, тука гостуваа репрезентациите на Ерменија и Естонија, играа талентите на Шпанија, имаше меѓународни средби, настапуваа Вардар и Работнички, екипи на кои им е матичен стадион. Никој ли не почуствува дека голот е понизок? Или така им одговараше?