Македонскиот шампион Вардар ја запиша и петтата „нула“ во својата дебитантска сезона, иако повторно имаше само желба за да ја изненади Европа, па Зенит во Санкт Петербург рутински забележа триумф со 2-1 во групата Л во Лига Европа.

Црвено-црните имаат уште една, последна шанса, да не ја завршат дебитантската сезона со нула бодови, па на 7 декември против Розенборг, вардарци ќе мора да се надминат за да не завршат посрамени во својата прва сезона во големото друштво. Не одигра Зенит нешто пресилно, премотивирано, но рутински стигнаа до победа, која уште на полувреме ја обезбедија, промашувајќи притоа и пенал.

Дмитри Полоз во 16-та минута по одлично додавање со петица на Артем Ѕјуба го најави триумфот, Ѕјуба во 28-та се избори за пенал, но Филип Гачевски го одбрани, а Емилијано Ригони две минути пред крајот на полувремето со мајсторски погодок откосо од 20 метри го дуплираше водството и практично одговори на прашањето, кој ќе ги освои бодовите на стадионот „Крестовски“.

Одигра Вардар далеку подобро, споредбено со мечевите со Реал Сосиедад, имаше неколку шута, Јамбул Џигаури во 72-та имаше најзрела можност (Лодигин одлично одбрани), но сето тоа беше многу млако и бавно споредбено со најавите дека ќе се оди на бод(ови) на овој меч. Откако дадоа два гола во првиот дел, ритамот на Русите уште повеќе се намали, па тие со половина сили само чекаа крај на мечот за да ги зачуваат силите за дербито во руското првенство со првакот Спартак Москва. Кога се беше решено, Дејан Блажевски со спектакуларен гол само обезбеди чесен пораз на црвено-црните