Мисијата на Ц. Звезда станува потешка, пораз од Пафос во Белград! (ВИДЕО)

Вечер на гостите во првите мечеви од плејоф дуелите за влез во лигашкиот дел од Лигата на шампионите, Пафос, Карабах и Клуб Бриж си одат дома со победи.

Црвена звезда влезе како фаворит против Пафос на денешниот меч кој се играше во Белград, но кипарскиот тим само потврди дека се работи за сериозен проект кој навистина има големи амбиции.

Студен туш на „Рајко Митиќ“ се случи уште во 38. секунда од мечот кога Кореа погоди за водство од 1-0.

По седум минути игра во вториот дел Пафос поведе и со 2-0 благодарение на гол на Пепе од пенал.

Некоја минута подоцна беше досуден пенал и за Црвена звезда, Бруно Дуарте промаши, но реализираше од обиената топка и намали на 2-1.

Црвена звезда со сите сили се обидуваше да избегне пораз, но не успеа. Пафос имаше шанси од контри, но резултатот остана непроменет.

Тимот кој ја исфрли Шкендија, Карабах покажа мускули и во Унгарија каде со 3-1 го совлада Ференцварош.

До гостински триумф дојде и Клуб Бриж кој исто така со 3-1 го совлада Ренџерс среде Глазгов.

Останатите мечеви од плејофот за влез во лигашкиот дел од Лигата на шампионите се играат утре.