
Македонија падна еден барабан подолу, ни се сменија можните ривали за СП!
Одамна е познато дека, без разлика на местото кое ќе го освои во квалификациите, Македонија има обезбедено учество во плејофот, но останува дилемата дали ќе има полесен или потежок пат. Со ремито против Казахстан, македонската репрезентација ја загуби челната позиција во квалификациската група, а со тоа падна и еден барабан подолу пред ждрепката. Сега е во третиот, а може да падне и во последниот ако во финишот од квалификациите ја загуби и втората позиција во групата и му ја препушти на Велс. Моменталниот изглед на барабаните, врз основа на бодовите и пласманот во квалификациските групи изгледа вака:
БАРАБАН 1: Италија, Турција, Украина, Полска
БАРАБАН 2: Чешка, Словачка, Унгарија, Шкотска
БАРАБАН 3: МАКЕДОНИЈА, Албанија, БиХ, Косово
БАРАБАН 4 (ЛИГА НА НАЦИИ): Велс, Романија, Шведска, С. Ирска
Промената во однос на рангирањето пред октомвриските квалификации е во тоа што Словачка се искачи на второто место во групата и ѝ го презеде местото на Македонија. Ако успее да го сочува барем второто место во групата, Македонија ќе остане во третиот шешир и како можни ривали, според сегашниот статус ќе ги има Чешка, Словачка, Унгарија или Шкотска со тоа што би играле на гостински терен.
Ако загубиме од Велс во последното коло, тогаш ќе бидеме третопласирани во групата и во плејофот ќе влеземе преку Лигата на нации, а тоа значи од најслабиот барабан. Во таков случај, ни се закануваат уште потешки ривали и тоа, ако ништо не се промени, Италија, Турција, Украина и Полска.
Според некои математички прогнози, направени од специјализирани институции, Македонија во моментов има 33,6% шанси да го освои второто, а 66,4% третото место во својата група. Тоа, сепак, ќе се одлучува во последното коло во Кардиф каде Велс ќе ја пречека Македонија.