Мајсторија на Кимих за 13 победа по ред на Баерн, Интер повторно ремизираше (ВИДЕО)

Актуелниот првак во Лигата на шампиони има одличен старт во новата сезона, бидејќи вечерва ја оствари и втората победа на вториот  натпревар во рамки на групата А. За Баварците ова е вкупно 13-та победа по ред во елитата ако се смета и минатата сезона. 

Германците славеа со 2-1 на гостувањето кај Локомотив Москва. Леон Горецка го отвори резултатот во 13-тата минута. Русите израмнија на 1-1 во 70-тата минута преку Антон Миранчук, но победата на Баерн ја обезбеди Џошуа Кимих со прекрасен гол девет минути подоцна.

На вториот натпревар што стартуваше во 18:55 часот, Шахтјор и Интер ремизираа без голови. „Нераѕурите“ во првиот дел два пати ја погодија рамката од голот на Украинците, но Николо Барела и Ромелу Лукаку немаа среќа. Голема шанса пропушти и Лаутаро Мартинез, кој не реализираше буквално на празен гол. Ова е втор натпревар на Интер без победа, бидејќи во Милано минатата недела ремизираше 2-2 со Борусија Менхенгладбах.